Во соработка со Општина Кочани, Здружението „Медиа плус“ од Штип ја спроведе работилницата „Безбедни училишта – развивање на доверба“, активност од проектот „Безбедноста е нашето мото“, поддржан од Амбасадата на САД.
Работилницата ја водеа универзитетските професори Методи Хаџи Јанев од Воената академија „Михајло Апостолски“ и Олга Кошевалиска, деканка на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, чија специјалност е детската деликвенција.
Работилницата беше фокусирана на справувањето на заедницата со безбедноста и меѓуврсничкото насилство во училиштата, со цел да влијае на подигањето на свеста кај сите вклучени страни – и на креаторите и на политиките и на спроведувачите. Исто така се разгледуваше и Протоколот за постапување во училиштата, со ставови и мислења на засегнатите страни од Кочани, вклучително и на учениците.
Присутните претставници од средните и основните училишта во Кочани, Центарот за социјални работи, Бирото за развој на образованието, невладиниот сектор и од институции кои имаат влијание и улога во креирањето безбедни училишни средини, имаа можност да споделат искуства и да се вмрежат на општинско ниво.