В сабота, 20 април, во пресрет на Светскиот ден на планетата Земја, Општина Кочани, Клубот за планинарски спортови „Осоговски орел“ и КЈП „Водовод“ организираат еколошка акција на потегот од месноста Бавчалук кон езерото Гратче.

Целта на акцијата иницирана од КПС „Осоговски орел“ е да се расчисти пешачката патека и да се прибере оставениот отпад од летниковниците на овој потег, со што ќе се испрати порака за правилно складирање на отпадот и користење на секундарните суровини за рециклирање.

Покрај членовите на клубот, во акцијата ќе учествуваат ученици од средните училишта и вработени во локалните компании, а можат да се вклучат сите заинтересирани. Поаѓањето е од Спортско-рекреативниот центар „Бавчалук“, во 9 ч.

Меѓународниот ден на планетата Земја, 22 Април, се одбележува ширум светот со разни манифестации и акции, за да се сврти вниманието на јавноста за значењето на зачувувањето на животната средина.