Деновиве заврши асфалтирањето на улицата „Кирил и Методи“. Уредувањето на четирите крака со вкупна должина од 732 м, го смени ликот на населбата, која со децении го очекуваше комуналното подобрување.
– Успеавме да одговoриме на потребната инфраструктура, на задоволство на граѓаните. Споивме два дела од градот – Градскиот пазар преку улицата „14 Бригада“ со населбата Варница. Ова е значајно скратување и подобрување на сообраќајната комуникација. Создадовме можност за изградба на нови индивидуални објекти и дооформување на просторот со јавни и урбани содржини – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Пред асфалтирањето на улицата, на овој потег во градот беше изградена атмосферска и фекална канализација, која стручните служби ја оценија како една од најсложените градби и најскапите инфраструктурни проекти досега. Изградениот канализациски дел ги зафаќа атмосферските и отпадните води од поширок простор над Белскиот Дол, од околината на Споменикот на слободата, сѐ до крајот на улицата „14 Бригада“. Со овој проект е изграден колектор со должина од 438 метри.
„Кирил и Методи“ е една од единаесетте улици изградени со средства коишто Општина Кочани ги обезбеди од Светска банка.