На 29 март во 19 ч. во фоајето на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани ќе се одржи Седмата вечер на македонскиот афоризам „Кочани 2019“.
Во организација на Здружението Афористичка репрезентација на Македонија ќе бидат доделени наградите на најуспешните афористичари кои годинава учествуваа на конкурсот на тема Политикоманија.
Според одлуката на жирито со кое претседаваше Ристо Филчевски, годинава наградите ќе ги добијат Марјан Анѓеловски од Скопје, Витомир Долински од Струга и Атанас Крлевски од Велес.
Се очекува на настанот да учествуваат повеќемина познати афористичари од државава, а специјален гостин ќе биде Зоран Јовановиќ од Лесковац, Република Србија.
Овој културен настан чија цел е да го популаризира афоризмот и да поттикнува на творење, е поддржан од Министерството за култура, Општина Кочани и од повеќе стопански субјекти.