Одделението за правни и општи работи во Општина Кочани ги известува организаторите на изборната кампања, кои имаат потврдена листа на кандидати за избор нa претседател на Република Северна Македонија дека согласно Одлуката на Советот на Општина Кочани за утврдување на места за истакнување на изборни плакати и утврдување на услови за добивање на право за користење на местата за истакнување на изборни плакати на подрачјето на Општина Кочани, на 1 април 2019 година, во 12 часот во салата за состаноци во Општина Кочани, ќе се изврши ждребување за определување на редоследот за истакнување на изборни плакати без надоместок.

Организаторите на изборната кампања за да можат да учествуваат на ждребувањето, покрај потврдени листи, потребно е до Градоначалникот на Општина Кочани да поднесат барање за користење на местата за истакнување на изборни плакати, најдоцна до 29 март 2019  година, до 12  ч.

Според Одлуката за утврдување на местата за истакнување изборни плакати, во градот Кочани се определени следните места за истакнување на изборни плакати: оградниот ѕид на ул.  „IV Македонска бригада“; оградниот ѕид на ул. „Тодосија Паунов“, на потегот што води кон селото Оризари; потпорниот ѕид пред зградите на „Тодосија Паунов“, што се наоѓа спроти Бензинската пумпа на „Макпетрол“; на рекламните паноа во центарот на градот: кај хотелот Центар, во Стришани кај пазарчето и кај Автобуската станица.

Во кочанските села, како места за истакнување на изборни плакати се определени вообичаените места каде се истакнуват соопштенија и други известувања за граѓаните од соодветното место.

Изборни плакати може да се истакнуваат и на станбени или други објекти со претходна согласност од сопственикот.