Вчерашната огнена стихија во Кочанско, предизвикана од палењето на жетвените остатоци на земјоделските површини во полето, претставува уште една, по којзнае кој пат повторена опомена за опасностите што ги носи оваа штетна земјоделска пракса.
Безбедноста на жителите и на материјалните добра посебно во населените места Горни и Долни Подлог, Грдовци и Мојанци беше доведена во ризик.
Во опасност беа и екипите на Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво од Кочани, кои вложија натчовечки напори во гасење на пожарите. Триесетина пожарникари и доброволци, со седум возила, повеќе од 12 часа беа на терен и успеаја да спасат неколку стопански објекти во месноста Ќерамидница, како и куќа на влезот во Горни Подлог.
– Апелирам да престане палењето на жетвените остатоци затоа што носи долгорочни последици. Се уништува целиот жив свет на земјоделските површини, како и корисната материја којашто претставува органско ѓубриво; се разнишува биолошката рамнотежа, се загадуваат површинските и подземните води. Со согорувањето на органската материја се загадува воздухот и се емитуваат стакленички гасови кои се главни причинители за климатските промени – повикува Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани.
Градоначалникот додава дека пожарот е под контрола, а противпожарни екипи дежураат на критични места.
Согласно законската регулатива, палењето на жетвените остатоци е казниво со закон, односно за палење на оган во посевите, во стрништата и во нивната близина, како и за оставање, фрлање, спалување или неконтролирано отстранување на жетвените остатоци следуваат казни. Овластените инспектори за земјоделство и за животна средина и полициски службеник може да изречат мандатни казни со парична глоба за сторен прекршок или да поведат кривична постапка.