Вработените во Општина Кочани денеска реализираа акција за расчистување на дивите депонии.
Акцијата се изведе на Полатски пат, во близина на Фабриката за вода, каде и по неколкуте интервенции на КЈП „Водовод“, недозволено се исфрла отпад и се загадува животната средина. Поддршка на акцијата со работна екипа и механизација даде Комуналното јавно претпријатие „Водовод“.
– Ова е еден од начините со кои сакаме уште еднаш да посочиме на важноста за зачувување на животната средина. На истото место чистевме и пролетта, а потоа и Комуналното претпријатие неколкупати го собираше отпадот. Ваквата негрижа кон природата е негрижа кон самите себе и кон идните генерации. Сакам уште еднаш да потенцирам дека единствената локација за исфрлање на отпадот е Градската депонија – порача градоначалникот Николчо Илијев.
Според најавите на надлежните, во наредниот период ќе се преземаат соодветните казнени законски мерки за сите што на различни начини ја загадуваат животната средина.
Во денешната екоакција се вклучија и припадниците на Територијалната противпожарна единица, кои расчистуваа во нивната непосредна околина.
Ова е само една од неколкуте планирани акции што ќе се реализираат во наредниот период, во рамките на борбата за заштита на животната средина.