Дваесетина културни работници и уметници од Кочани со потписи ја поддржаа иницијативата на градоначалникот Николчо Илијев за формирање професионален театар во Кочани. На неформалната средба што се одржа викендов, тие разменија мислења за потребата од ваква институција како возобновување на некогашниот Народен театар во Кочани, но и за постапките и институционалните процедури за реализација на почетната идеја.

– Ова е важен чекор за културниот живот во Кочани. Ние имаме многу афирмирани актери, режисери, театарски работници кои работат надвор од Кочани.  Некои од нив писмено ни ја потврдија поддршката Кочани да добие професионален театар. Наша задача е идејата да ја реализираме – соопшти градоначалникот на Кочани Николчо Илијев.

Иницијативата и одлуката што ја донесе Советот на Општина Кочани веќе се примени во Министерството за култура, кое во наредниот период ќе ги анализира  материјалните, програмските и финансиските потреби и услови за основање професионален театар во Кочани.

Дарко Јан Спасов, еден од поддржувачите на оваа идеја и актуелен претседател на Управниот одбор на Драмскиот аматерски фестивал – Кочани, смета дека сега Кочани има историска шанса за културен исчекор.

– Убеден сум дека ќе успееме да го оствариме сонот на многу актери, режисери, мултимедијални работници кои работеле на сцената во Кочани. Ние и не размислуваме поинаку, затоа што како група ентузијасти веќе работиме на подготовка на премиерна претстава што ќе ја означи работата на новиот театар – вели Спасов.

Народниот театар, како професионален театар во Кочани работеше само од 1951 до 1959 година, раководен од еден од најпознатите културни дејци на Кочани, Борис Стојчев.