Општина Кочани во соработка со ЈП Национални шуми и Комуналното претпријатие „Водовод“ реализираше акција за пошумување на дел од Осоговските Планини.
Три илјади садници багрем се засадени во местото викано Етимија, на површина која во август 2019 година настрада во голем шумски пожар.
– Досега на овој дел од Осоговијата реализиравме неколку акции за обновување на шумскиот појас и денешната е последна за овој период од годината со оглед што дневните температури веќе влијаат за почеток на вегетацијата на стеблата. Површините над Градската депонија и во месноста Пресечена Скала се веќе пошумени, а оваа локација во близина на селото Лешки, исто така настрада во пожар, па неопходно беше расчистување на изгорените стебла и нивно обновување. По препорака на стручните лица од Национални шуми решивме наместо бор да засадиме багрем, затоа што изминатите неколку децении на оваа надморска височина имаме огромен проблем со боровиот четник кој ја уништува зимзелената шума – истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Освен еколошкиот ефект од обновувањето на шумскиот појас, една од целите е и да се направи природна заштита против нелегалното исфрлање отпад и создавањето диви депонии.
Во пролетната акција за озеленување на Кочани се засадија 3 500 садници, во градската средина и на планинските падини.