Наместо прослави и групирања кои носат ризик во ова време на пандемија, 8 Април – Светскиот ден на Ромите во Кочани ќе биде одбележан со поддршка на социјално ранливи семејства од оваа заедница.

Ова е еден од заклучоците по денешниот состанок на ромските граѓански организации со градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и преставници од Одделението за јавни дејности, на кој беа разгледувани предлозите за прослава на 8 Април.

– Во пресрет на празнувањето, кога сме соочени со постојан пораст на бројот на заразени лица, сметам дека ова е најсоодветен начин да го одбележиме Меѓународниот ден на Ромите. Со претставниците на граѓанските организации се договоривме Локалната самоуправа да обезбеди пакети со хигиенски средства, а тие да ги дистрибуираат – соопшти по средбата градоначалникот Илијев.

Илијев додаде дека изминатава година Општина Кочани успеа да ја финализира постапката за избор на изведувач на модулите за живеење за станарите од Старата касарна, чија изведба се очекува да започне наскоро. Според градоначалникот, решавањето на прашањето за домување на овие семејства претставува едно од клучните прашања за ромската заедница која живее во супстандардни услови.