Со средства од Владата, преку проектот на Министерството за образование и наука „Реконструкција на средни и основни училишта“, деновиве почна санацијата на кровот на Основното училиште „Крсте Мисирков“ во Оризари. Работите ќе ги изведува „Изградба комерц“ од Скопје, под надзор на ЗИМ од Скопје.
Училиштето ќе добие нов кровен покривач од профилиран пластифициран челичен лим. Со проектот е предвидена замена на оштетената дрвена конструкција со нова, а ќе биде поставена и хоризонтална термоизолација. Дотраениот кровен покривач од брановиден салонит и азбестцементниот отпад ќе се депонира во Дрисла во Скопје, на начин определен со закон.
Училишната зграда во Оризари ќе добие и громобранска инсталација.
Изминатиов период во ОУ „Крсте Мисирков“ беа реконструирани тоалетите и подот, во стариот дел беа заменети прозорците, таванот, осветлувањето и надворешната фасада. Во подготовка се проекти за термофасада на целата зграда и за загревање на училишната спортска сала.