По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, а согласно Локалниот акциски план за еднакви можности за 2021 година, Општина Кочани обезбеди поддршка на жени во социјален ризик и на лица со пречки во развојот.

Мерката се применува трета година едноподруго, а целта е да им се обезбеди финансиска помош на лица од ранливите категории.

– За оваа мерка се наменети 120 илјади денари. Во првата етапа ќе бидат искористени половината од нив, а останатиот дел, според барањата на Комисијата за еднакви можности ќе биде наменет за мажи со тешки болести, а ќе се распредели во ноември – месецот на машкото здравје – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Примателите на овој вид помош се определуваат според степенот на ризик на нивната актуелна состојба, а предлог-листата ја изработува Мобилниот сервис за домашна посета од Кочани, кој дава социјални и здравствени услуги на лица од микрорегионот.

Општина Кочани и оваа година останува дел од проектот на Програмата за жени на Обединетите нации – „Промоција на родово одговорни политики и буџети во Југоисточна Европа“, со кој добива менторска и техничка поддршка во подобрувањето на степенот на познавање и имплементација на родово одговорното буџетирање на локално ниво.

Поради влијанието на пандемијата којашто започна во 2020 година, во наредниот период  Општината ќе работи на воведување нови економски мерки за подобрување на претприемачките вештини кај жените.