Советот даде согласност на Планот за изменување на Годишниот план за вработување во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани за 2026 година и го усвои Годишниот извештај за користење на средствата од резервите во Буџетот на Општина Кочани за 2025 година.
На седмата, последна седница на Советот на Општина Кочани за 2025 година, градоначалникот Владко Грозданов имаше годишно обраќање во кое направи осврт кон сработеното во овој краток период од почетокот на мандатот и најави низа проекти на кои им претстои реализација.
Грозданов пред Советот и пред јавноста говореше за напредокот во комуналната инфраструктура, јавната чистота и низата инфраструктурни активности што директно влијаат на подобрување на квалитетот на живот во градот и во населените места.
Најавувајќи повеќе капитални проекти со средства од Владата и од министерствата, градоначалникот го најави почетокот со работа на новиот објект „Детелинки“ на Детската градинка „Павлина Велјанова“.
Градоначалникот ги истакна и капиталните инвестиции што се реализираат со поддршка од Владата и министерствата, а на крајот на обраќањето изрази длабоко сочувство и поддршка за родителите и семејствата на загинатите во трагичниот настан и упати порака до сите повредени во катастрофалниот пожар, на кои им посака брзо и целосно закрепнување, сила и трпение на секој чекор од патот кон подобра иднина.























