Во рамки на проектот Beyond the Urban, финансиран од програмата URBACT IV, по спроведен долг процес на анализа на локалните предизвици, размена на добри практики и континуирани консултации со засегнатите страни, изработен е Интегриран акциски план за урбано-рурална мобилност на Општина Кочани.
Планот произлегува од јасна локална дијагноза која укажува на високо користење на автомобили и сообраќаен метеж, ограничена употреба на велосипед, како и пешачка мобилност која е честа, но често небезбедна поради недоволна инфраструктура – особено во близина на училишта. Како одговор на овие предизвици, планот ја поставува визијата „мобилност за луѓето, не за автомобилите“, со фокус на побезбедни, пристапни и озеленети улици, развој на основна, но поврзана мрежа за пешачење и велосипедизам, како и подобра поврзаност на руралните населени места со градското јадро преку јавен превоз.
Во периодот што следи, планот предвидува конкретни и фазни интервенции: воведување на побезбедни училишни зони („school streets“ концепт, безбедни премини, контрола на брзина и едукативни мерки), развој на клучни коридори за активна мобилност кои ги поврзуваат училиштата, населбите и индустриските зони, како и мерки за смирување на сообраќајот и подобро управување со паркирањето во централното градско подрачје. Дополнително, планот става силен акцент на вклучување на граѓаните, кампањи за подигнување на свеста и воспоставување систем за следење на резултатите, со цел документот да остане „жив“ и прилагодлив на идни промени.
Изработката на Интегрираниот акциски план е спроведена согласно URBACT методологијата, која се базира на партиципативен пристап и активно учество на локалните засегнати страни преку локална група за поддршка. Процесот вклучи заедничко дефинирање на проблемите, анализа на постојната состојба и ко-креирање на решенија со граѓани, институции и релевантни актери.
👉 Планот е достапен за увид на следниот линк:
https://urbact.eu/sites/default/files/2026-01/Kocani%20Integrated%20Action%20Plan%20MK%20%282%29.pdf
























