Синоќешните и денешните врнежи од снег го отежнаа движењето на возилата и пешаците. Надлежните служби се континуирано на терен и сообраќајниците во Кочани се одржуваат во проодна состојба. Расфрлани се песок и сол, а секаде каде што имало можност поминала механизација за расчистување на снежната покривка.
– Активностите започнаа од вчера напладне, по најавата за временските услови што претстојат, работевме до 22 часот, а продолжуваме и денеска. На терен се екипите на КЈП „Водовод“ коишто ја одржуваат состојбата во централното градско подрачје, на тротоарите и пешачките мостови. Со соодветна механизација се чисти снегот и се посипува песок и сол и на другите коловози во градот, посебно таму каде што фреквенцијата на сообраќајот е поголема – соопштија од Одделението за уредување на градежното земјиште во Општина Кочани.
Екипи на „Водовод“ ги одржуваат јавно-прометните површини и повикуваат во вакви околности граѓаните да се придружат во расчистувањето на снегот кај своите приоди.
Критични се високите зони во градот, а отежнато е расчистувањето на улици каде механизацијата наидува на шахти повисоки од асфалтот, на сложен терен за пристап, но и таму каде е оневозможено да се помине поради паркирани возила. Комуналните служби апелираат возачите и граѓаните да овозможат приод за да може снегот да се расчисти.
Во проодна состојба се и врските со сите полски и планински села во Кочанско. „Македонијапат“ го расчисти и го одржуваа прооден патот кон Пониква, а со механизација дава и регионална помош.
Сите служби се меѓусебно координирани и работат според дневен план и активности кои во голема мера зависат од самата временска состојба.
Сообраќајната полиција апелира учесниците во сообраќајот да се однесуваат внимателно, да се почитуваат прописите во зимските услови и да се користи зимска опрема.