Осуммина ученици од Основното училиште „Људевит Модриц“ од Крижевци, Република Хрватска, со наставничката по  телесно и здравствена култура,  Маријана Фржовиќ, минатата седмица престојуваа на Пониква, Осоговски Планини.

Зимувањето коешто го овозможува Општина Кочани е во рамките на соработката со хрватскиот Град Крижевци, пријателство што датира пред повеќе од три децении.

– Убаво ни беше, поминавме една седмица, децата си играа на снегот, се санкаа, се дружеа. Сите нè дочекаа убаво, со радост и кога имавме дополнителни барања – секогаш ни ги овозможуваа. Му благодарам на градоначалникот што дојде да нè посети – рече  Фржовиќ.

Според градоначалникот Николчо Илијев, станува збор за  убав начин на одржување на традиционално пријателство во чии рамки на учениците на генерацијата од средните и од основните училишта од Кочани им се овозможува летување на хрватското приморје.