Тројца членови на Советот на Општина Кочани, уште на самиот почеток, без образложение, ја напуштија десеттата седница на Советот што се одржа на 3 мај 2018 г. Со тоа се наруши мнозинството што требаше да решава по 27 точки на дневниот ред.
Од непознати причини за јавноста, во работата на Советот не учествуваа Сашко Стефановски од НСДП, Дени Богатинов од ЛДП и Валентина Андонова од ДОМ – коалициските партнери на СДСМ во Локалните избори 2017.
Дискутирајќи по извештајот за извршување на Буџетот за првиот квартал од 2018 година, градоначалникот Николчо Илијев, јавно, од говорницата, изрази огорченост од постапката на советниците.
– Неколку колеги ја напуштија оваа седница, а тоа покажува каков е односот на советниците за интересите на граѓаните. Затоа граѓаните сакам да го слушнат мојот глас: дел од советниците немаат интерес да се залагаат за решавање на проблемите на граѓаните, туку сакаат да си ги решат личните проблеми. Јас како градоначалник нити сум директор, ниту Општината е Завод за вработување. Јас ќе ги решавам заедничките проблеми и потреби на граѓаните и повторувам дека останувам доследен на моите принципи – рече градоначалникот Илијев.
И покрај најавите на опозицијата дека нема да го гласа Извештајот, транспарентноста и отвореноста на градоначалникот пред Советот, го смени нивниот став и со 14 гласа беше изгласан Извештајот за првиот квартал од 2018 година.
– Сметам дека сите што денеска учествуваа во работата на Советот одржаа солидна демократска и граѓанска лекција и затоа уште еднаш лично им благодарам. Очекувам ваквата пракса да важи и во иднина – без оглед на политичката припадност, членовите на Советот да гласаат за добрите проекти и за доброто на граѓаните, затоа што власта значи одговорност и резултати за граѓаните, а не уцени и лични интереси – рече градоначалникот Илијев.