Заинтересираните за градба на објекти за домување и за комерцијални дејности во Кочани до крајот на оваа година ќе плаќаат за 20 проценти понизок надоместок за уредување на градежното земјиште.

Таква одлука донесе Советот на Општина Кочани на 26. редовна седница, на која беше усвоен предлогот попустот да трае до крајот на оваа календарска година.

– Општинската администрација се согласува со донесената одлука попустот да трае до 31 декември, затоа што тоа нема негативно да се одрази врз остварувањето на планираните буџетски приходи. Со оглед што реализацијата по основ на комуналии е веќе 80 отсто, сметаме дека до декември целосно ќе се исполни планот, а според сегашниот тренд најверојатно и ќе го надминеме – истакна Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.

Намалувањето на висината на надоместокот за комуналии, утврдено со Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општината за 2019 година, не  се однесува на викендичките на Пониква.

Членовите на Советот на Општина Кочани донесоа заклучок со кој ги задолжија стручните служби во општинската администрација да изготват нова, реална проценка за надоместокот за уредување на градежното земјиште и таа да биде доставена пред усвојувањето на Буџетот за наредната година. Со тоа, наместо да се дава времен попуст, ќе се овозможи граѓаните трајно да имаат поповолни услови за градба.

На седницата, Советот ја усвои информацијата за состојбите и условите за работа на Полициската станица од општа надлежност во 2018 година и донесе заклучок да се бара од надлежните Станицата во Кочани да се организира како Сектор за внатрешни работи.