На 17 јуни во холот на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Кочани се одржа првата сесија од Форумот во заедниците, како дел од активностите во рамките на проектот на УНДП – „Зајакнување на општинските совети“.

Форумот го отвори градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев кој истакна дека со овој модел за партиципативно учество на граѓаните во донесувањето одлуки се  создаваат и се јакнат капацитетите на сите вклучени страни, се подобрува соработката и се градат партнерства на локално ниво и што е најважно, се подобрува животот на луѓето во заедницата.

На првата форумска сесија присуствуваа осумдесетина граѓани кои се запознаа со активностите на форумскиот процес. Работеа на девет работни маси (НВО, ЕЛС, советници, култура, образование, социјала, туризам, месни заедници и животна средина) даваа приоритети на проблемите и предложија нивни решенија во рамки на форумската тема – социјална инклузија.

По идентификацијата на проблемите и решенијата произлегоа седум работни групи и десетина препораки за разгледување кај надлежните институции.

Во текот на следните сесии од предложените решенија ќе се развиваат проекти од кои учесниците ќе ги изберат најприоритетните за да аплицираат за реализација во рамки на проектниот фонд од 50 000 швајцарски франци.

Клучни вклучени страни во Форумот во заедницата се Швајцарската агенција за развој и соработка, UNDP, ЗЕЛС и Општина Кочани, заедно со уште 23 други општини од државава.