Со пригодна свеченост, на Петровден, беше пуштена во употреба Пречистителната станица во Кочани, изградена во близина на селото Мојанци со најголемата швајцарска донација досега во Македонија од областа на екологијата – 21 милион швајцарски франци.

На свеченоста на која присуствуваа владини претставници предводени од премиерот Зоран Заев, претставници од Швајцарската амбасада, градоначалници од регионот и други гости, беше истакнато дека е завршен капитален објект во кој ќе се применува најсовремена технологија за пречистување и третман на отпадните води.

Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тејада искажа задоволство што градежните работи на пречистителната станица се завршени во планираниот рок и што жителите од регионот ќе добијат важен капацитет за обезбедување здрава животна средина.

– Пречистителната станица пред нас е само дел од една успешна приказна зад која стојат луѓето и нивната работа, а ние имавме одлични партнери на локално ниво. Граѓаните на Швајцарската Конфедерација го делат истиот сон со овдешното население, сон за чиста река Брегалница и за повторно воспоставување на рамнотежата на водните екосистеми. Тоа е сон за подобри еколошки услови во регионот и сон што ќе ја приближи Северна Македонија до семејството на Европската Унија. Задоволство е да се види дека сонот, или барем, дел од него, се оствари, истакна амбасадорката Тејада.

– Заедничкиот ангажман, поддржан преку помошта од Швајцарскиот државен секретаријат за економски работи – SECO, е од суштинско значење за да ги постигнеме европските стандарди и за побрзо да ја изградиме Северна Македонија во држава според европските вредности. Ќе продолжиме да учиме и применуваме искуства од европските земји во управувањето со ваков тип на врвни технологии, зошто ваквите заеднички иницијативи се јасен пример зошто Европа ја носиме тука, дома, низ убавите градови на нашата земја. Успешното и брзо заокружување на овој проект покажува дека Северна Македонија го фати европскиот чекор, истакна премиерот Заев.

Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев истакна дека значењето на овој проект е големо, затоа што заштитата на природните ресурси ќе придонесе за одржлив развој на Брегалничкиот Регион, а со подобрувањето на општинскиот систем за отпадни води, ќе се обезбеди поздрава животна средина, безбедно земјоделско производство и забрзување на локалниот економски развој.

Пречистителната станица кај Кочани е на површина од 11 хектари, лоцирана кај селото Мојанци, на најниската гравитациска точка на вливот на Оризарска Река во Брегалница и ќе ги пречистува водите од девет фекални испусти од селата Оризари до Подлог. Со целосно автоматизиран оперативен процес овде ќе се третираат отпадни води од домаќинствата и индустријата. Проектираниот капацитет на Станицата е 65 000 еквивалент жители.

Целиот проект чини околу 23 милиони швајцарски франци, од кои 21 милион се донација од Владата на Швајцарија, 1,8 милиони швајцарски франци се од Министерството за животна средина и 300.000 франци се од Општина Кочани и КЈП „Водовод“.