Комисијата за евалуација го избра концептот за проектот „Реконструкција на ски-лифтови на Пониква“ за натамошно развивање во регионален предлог-проект што ќе се реализира од фондот на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ на Програмата „Регионални форуми во заедницата“.

Со успешно финализирање на целата процедура, реконструкцијата на ски-лифтовите на Пониква се очекува да биде поддржана со 85 илјади швајцарски франци. Се очекува   наскоро целосно да бидат реконструирани двата ски лифта во вкупна должина од 692 м.

Реализацијата на овој проект ќе придонесе во подобрување на туристичката понуда за посетителите на Пониква и модернизација на туристичката инфраструктура, што ќе ги подобри условите и капацитетите за скијање.

Реконструкцијата на ски-лифтовите на Пониква беше предлог од учесниците на регионалните форуми во Источниот плански регион кои се одржуваа во Штип во февруари оваа година и на кои присуствуваа претставници од граѓанскиот, јавниот и бизнис-секторот од сите 11 општини од Регионот.

Програмата „Регионални форуми во заедницата“ ја реализира Центарот за развој на Источниот плански регион во соработка со Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.