Со пантомима, класична музика и огномет, љубителите на театарот во Кочани синоќа го проследија отворањето на 56. издание на  Драмскиот аматерски фестивал.

Единствениот фестивал на аматеризмот во нашава држава годинава одбележува 60 години постоење.

– На Драмскиот аматерски фестивал во Кочани поминале над 8 илјади учесници. На оваа сцена биле врвни режисери, актери, театролози, театарски критичари, меѓу кои и доајените на македонскиот театар. Благодарејќи на ДАФ, Кочани изнедри голем број професионални актери и режисери. Доаѓаат и нови што е само дел од потврдата дека во Кочани има амбиент за возобновување на професионалниот театар – рече во обраќањето градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Фестивалот го отвори националниот советник за култура во Владата на Република Северна Македонија, Роберт Алаѓозовски.

– Театарот и културата постојат заради вас, граѓаните, тоа што дојдовте во толку голем број покажува дека вие сакате театар, вие сакате култура и тоа е за нас императив. Нашата поддршка и преку Министерството за култура за самиот Фестивал на драмскиот аматеризам ќе продолжи затоа што аматеризмот е основата, јадрото на развој на врвните актери професионалци – рече Алаѓозовски.

Публиката покажа огромен интерес за гостувањето на Театарот „Комедија“ и претставата „Вардарски пастуви“.

ДАФ ќе трае до сабота, 1 јуни кога ќе бидат доделени наградите за најдобрите учесници.