Со читање на светската и на македонската порака, Библиотеката „Искра“ од Кочани го одбележа Светскиот ден на книгата и на авторското право.

Одре Азуле, генералниот секретар на УНЕСКО, кој годинава ја напиша светската порака ги нарекува книгите прозорци кон нашата душа и пат кон заемното почитување и соработка меѓу луѓето, независно од границите и различностите.

„Книгите се наши сојузници во ширење на образованието, науката, културата и информацијата насекаде во светот. Книгите се, исто така, форма на културно изразување кое им дава живот на јазиците и се изразува преку нив. Секоја книга е создадена на посебен јазик, наменета за своите читатели. Така секоја книга е напишана, произведена, разменета, искористена во дадена лингвистичка и културна рамка“, стои во пораката на Азуле.

Режисерот Милчо Манчевски, автор на македонската порака, вели дека книгите му требале онака како што на птица ѝ треба воздух или на тревка ѝ треба сонце, дека книгите му помогнале да си ја поврати рамнотежата и да си го најде местото во светот.

На настанот во „Искра“ на највредните читатели, Ана  Смилкова, деветтоодделенка од ОУ „Никола Карев“ и Афродита Кукудис Ковачевска, кои позајмиле над 200 книги за една година, им беа доделени награди. Членови на Литературниот клуб „Копнеж“ читаа своја поезија.