Детските игралишта се обновени и подготвени пролетно да ги пречeкаат децата. На денешниот Ден на пролетта, градоначалникот Николчо Илијев направи увид на дел од нив. Поставените огради се избоени, дефектите се отстранети, хигиената подобрена.

Состојбата покажува дека е потребно континуирано одржување и совесно однесување на сите граѓани, како на децата така и на возрасните што се грижат за нив, но и на одговорните за јавна чистота.

Градоначалникот Илијев се интересираше и за состојбата на новозасадените дрвца со акцијата за пошумување на локалитетот Локубија. Озеленувањето ќе продолжи и понатаму, со цел Споменикот да добие природна, зелена ограда. Во рамките на активностите за уредување и заживување на Споменикот на слободата, беше и неодамнешната акција на средношколците од „Љупчо Сантов“ кои го собираа отпадот од непосредната околина. Служби на Подружницата на Македонски шуми и на КЈП „Водовод“ работат на кроење на дрвцата и отстранување на сувата трева и стебла. Од наредната седмица ќе започнат поправките на јавното осветлување и на искршените фонтани околу Споменикот. Градоначалникот најави дека наскоро ќе биде ангажиранo лице за одржување на овој терен.

Денеска се вршеше подготовка за озеленување на влезот на Кочани. Општина Кочани, Македонски шуми и КЈП „Водовод“ организираат пошумување  на локалитетот Косовка, со стотина нови садници зимзелени и листопадни дрвја.

Надлежните општински служби апелираат за секојдневно совесно и одговорно однесување за поздрава, почиста и поубава животна средина.