Ученици и професори од Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“ од Кочани, по покана од градоначалникот на збратимениот град на Кочани, Сигетсентмиклош, од 29 април до 3 мај престојуваа во Унгарија каде беа вклучени во проектот „Интернационална музичка размена“ и настапуваа со свои врсници од Унгарија, Украина, Полска и Германија.

Според директорката на ОМУ „Ристо Јуруков“, Јованка Милојевиќ, оваа меѓуучилишна, меѓуопштинска и меѓународна соработка е од големо значење за нивната образовна институција.

– Нашето училиште учествуваше со двајца наставници кои ја предводеа групата на учениците, од класите за флејта и виолина, како оркестарски инструменти. На самиот настан тие не само што се дружеа, туку и учествуваа во практични активности, односно настапуваа во помали ансамбли, групи, за да на крајот бидат застапени со нивни музички точки на завршниот концерт, кој се одржа на крајот на работната недела – соопшти Милојевиќ.

Дел од тимот што директно учествуваше во проектот „Интернационална музичка размена“ беше наставничката по флејта Ангелина Катмерова-Алексова.

– Организацијата од страна на домаќините беше беспрекорна, сите пет дена колку што бевме таму, имавме испланирана содржина, која вклучуваше меѓусебно дружење, истражување, вежбање, проби за претстојните концерти, патување и посетување знаменитости. За нас сето ова искуство претставува еден голем придонес во целокупната наша работа, збогатување на знаењето, проширување на видиците и најважно, се стекнавме со нови пријателства – раскажа Катмерова-Алексова.

Музичкото училиште во Кочани, кое во својата шеесетгодишна дејсност важи за расадник на музички таленти, најавува проширување на соработката со училишта од Европа, од  каде може да се црпат нови искуства и знаења и за учениците и за професорите.