Кочанските активисти од Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена порта“ во рамките на кампањата „Заедно против трговијата со луѓе“ организираа изложба на творби на учениците од основните и средните училишта на тема трговија со луѓе.

– „Отворена порта“ работи на поддршка и заштита на жртвите на трговија со луѓе. Истовремено, голем дел од нашите активности ги посветуваме и на превенцијата како еден од предусловите како младите да се заштитат од трговијата со луѓе. Целта на тимот од Кочани, како еден од единаесетте од нашата држава, беше преку литературни и ликовни творби младите да се запознаат со трговијата со луѓе, но и многу повеќе да прочитаат како да се заштитат – рече Стојна Атанасовска Демишковска, претставник на „Отворена порта“.

Изложбата ја отвори градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, кој го истакна задоволството што присуствува на настан што го организираат млади од Кочани.

– Трговијата со луѓе е актуелен проблем и добро е што во нашата општина немаме регистрирано таков случај, но опасности и ризици постојат секогаш. Јавното зборување и подигнувањето на свеста на младите за овој проблем е првиот чекор од заштита. Ја поздравуваме иницијативата на „Отворена порта“ и вклучувањето на младите во оваа кампања и очекуваме таквите иницијативи да се омасовуваат – истакна Илијев.

Организаторите на изложбата, младинскиот тим од Кочани им додели награди на најуспешните ликовни и литературни творби.