Согласно Програмата за уредување на градежно земјиште за тековната година, во тек се јавни набавки за изградба и оградување на спортски и на детски игралишта.

Проценетата вредност на договорот за јавната набавка за спортски игралишта изнесува 2,3 милиони денари, а за детски игралишта се планирани 3,7 милиони денари со вклучен данок на додадена вредност.

По изборот, изведувачите ќе работат на реконструкција на спортското игралиште што се наоѓа во близина на училишната зграда во селото Грдовци, кое ќе биде асфалтирано и оградено, а огради ќе се постават и на спортските игралишта во селата Прибачево и Тркање. Терените ќе бидат подобрени со функционални елементи – стативи и кошеви.

Со актуелната тендерска постапка е опфатена изградба на детски игралишта на четири локации. На улицата „Први мај“ е планирана изградба на детско игралиште  на површина од 900 м2, спроти Ветеринарната станица ќе биде мала инсталација за забава на децата, во населбата Драчевик ќе се уредува површина од 1150 м2, а на влезот во селото Грдовци игралиштето ќе биде на 720 м2. Игралиштата ќе бидат поплочени со бехатон плочки, ќе добијат реквизити и урбана опрема, ќе бидат хортикултурно средени и облагородени со  млади садници.

Изградбата на детските и на спортските игралишта беше одложена двапати, поради неуспешно завршена јавна набавка од немање интерес од страна на изведувачите и невклопување во проценетата вредност за реализација на предвидените работи.  Од тие причини Советот на Општината донесе одлука за зголемување на планираните финансиски средства. Рокот за поднесување понуди за изведувач на детските игралишта трае до 15 ноември, а на спортските до 20 ноември 2019 г.