Општина Кочани ја почна реализацијата на проектот за современо тротоарско поврзување на градот со селото Бели, за што од сопствениот буџет инвестира четири милиони денари. Вкупната должина на пешачката патека до Бели е 910 метри, а со средства од општинскиот буџет претходно беше направена и експропријација на дел од земјиштето.

Избраниот изведувач, фирмата „Ќану компани“ од Скопје, ги реализира градежните работи на левата страна од улицата „Страшо Ербапче“, на потегот од крстосницата со улицата „Малина Попиванова“ до крстосницата пред Бели, на регионалниот пат кон Пониква.

Паралелно со изградбата на пешачката патека, се поставуваат рабници и пропусти за атмосферска вода. Оваа патна врска од Кочани до Бели ќе биде осветлена со дваесетина нови столбови со штедливи лед-светилки.

– Проектот за изградба на тротоар е дел од нашите заложби за рамномерен локален развој и за поврзување на населените места со административниот центар со патна инфраструктура за сите учесници во сообраќајот. Тоа ја покажува и нашата заложба за  подобрување на условите за живот и во градот и во населените места. Овој тротоар е значаен затоа што ја подобрува сообраќајната комуникација и безбедноста на пешаците – истакна Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.

Во 2020 година Општина Кочани реализираше 3,5 км тротоарско поврзување на селата Мојанци, Горни и Долни Подлог, со јавно осветлување.