Деновиве заврши реконструкцијата на кровната конструкција и кровната покривка на Центарот за култура „Бели мугри“ на површина од 322 метри квадратни, од западната страна на објектот.
Со средствата добиени од Министерството за култура во првата фаза, наменети за надворешна реконструкција на зградата, завршено е поставувањето на термофасадата со стиропор со дебелина од 8 см од источната, западната и северната страна. Отворите од источната и западната тераса ќе се обработуваат и ќе се бојадисаат со боја соодветна на фасадата во наредниот период. Фасадата е обновена со нова браварија со алуминиумски профили за соодветни прозорци и врати и претстои нејзина завршна обработка.
Според Марјанчо Јованов од Одделението за урбанизам во Општина Кочани, завршен е влезниот портал, а се работи на поплочување на влезната платформа. Задржана е автентичноста на влезните столбови, со црните мозаик-плочки. Поголем дел од другите тераси се поплочени со подни плочки.
Реконструкцијата на фасадата и покривот на објектот „Бели мугри“ отвори и дополнителни прашања за потребите и можностите на дел од просторот, посебно за терасата од источната страна која со застаклување би се користела и како затворен простор.
Во наредниот период треба да се изработи цоклето и да се стави нова настрешница од северната страна на зградата. Според договорот и неговиот анекс склучен со изведувачот на работите, „Дрвопром“ од Мородвис, рокот за завршување на работите е до крајот на април. Наредната седмица се очекува да пристигнат официјалните информации од Министерството за култура за висината на одобрените средства за следната фаза од реконструкцијата на Центарот за култура.
Во првата фаза Кочани доби 14,5 милиони денари за реконструкција на надворешноста на Центарот за култура.