Денеска во Спортската сала „Никола Карев“ во Кочани започнаа игрите од проектот „Зимски фудбалски радости“, на кои учествуваат стотина ученици од второ, трето, четврто и петто одделение од Кочани и Виница.
– Целта на проектот е учениците низ игра и забава да ги совладаат фудбалските елементи и вештини и да ги подобрат нивните психомоторни и функционални способности. Игрите се реализираат во два дела од кои првиот е совладување на вештините, а вториот е натпреварување. Настанот е дводневен, денеска работиме со учениците од второ и трето, а утре со четврто и петто одделение – соопшти Зоран Андонов, претседател на Сојузот на училишен спорт – Кочани.
На отворањето на игрите, присутните ги поздрави градоначалникот Николчо Илијев.
Во игрите се опфатени основните училишта „Никола Карев“ од Кочани, „Крсте Мисирков“ од Оризари и „Славчо Стојменски“ и „Гоце Делчев“ од Виница, кои се вклучени и во проектот „Фудбал во училиштата“.
Проектот се реализира во 21 општина во Република Македонија со поддршка од УЕФА и ФФМ, а во реализација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија.