Со 31-та објава за отуѓување на градежно земјиште, сопственост на Република Македонија, Општина Кочани продаде седум градежни парцели, од кои една за станбена зграда.
Градежната парцела за изградба на станбена зграда, која се наоѓа на улицата „Роза Петрова“ и е со површина од 1 559 метри квадратни, предизвика голем интерес и во јавното наддавање е постигната цена од 9 868 денари за метар квадратен. Вкупната сума од продажбата на оваа парцела изнесува 15,4 милиони од кои 80 проценти ќе влезат во општинскиот буџет. Во населбата Калиманова Глава ќе се гради станбена зграда со компатибилни класи на намена за времено сместување, мали комерцијални објекти, големи трговски единици, деловни простории и сл.
Од понудените за отуѓување седум парцели за индивидуално домување, се продадоа шест: две на улицата „Трета македонска бригада“, две на „Ката Мокрејка“, една на „Февруарски поход“ и една на улицата „Јордан Зафиров“. За нив е постигната цена од 71 денар до 3 650 денари за метар квадратен.
За градежните парцели за викенд куќи понудени за отуѓување со 31-та објава, рокот за пријавување тече до 23 јануари, а јавното наддавање е на 25 јануари. Почетната цена е 61 денар за метар квадратен.
Објавата за продажба на градежно земјиште е поставена на огласната табла во дворот на општинската зграда и на веб-страницата на Општина Кочани, www.kocani.gov.mk.