На 1 јануари 2019 година, на Акушерското одделение во Кочани, во две породувања се родија две девојчиња.
Првото новороденче во 2019 година е трета рожба на мајката Елсида Шакирова од Кочани. Родено е малку по полноќ, а истата ноќ на свет дошло уште едно женско бебе на семејство од селото Дулица, Македонска Каменица.
– По подолг период се случи во еден ден да имаме две породувања, па се надеваме оваа година дека ќе биде подобра во однос на минатата. Лани регистриравме 170 раѓања – соопшти д-р Фонзи Јуруков, раководител на Акушерското одделение во Кочани.
Првите новороденчиња ги посети и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој им врачи подароци и им посака здравје и среќа во животот.
Раководството на кочанската Општа болница, со поддршка од локалната самоуправа и градоначалникот Илијев настојува да ги подобри кадровските, техничките и материјалните услови на Акушерското одделение, со цел да ги задржи пациентките со квалитетни здравствени услуги.
Според директорот Александар Серафимов екипираноста е одлична со тоа што оваа болница е една од ретките во државава со четворица специјалисти по гинекологија.