Општина Кочани го преполови долгот во образованието. Од наследните 43 милиони денари, сега тој е скратен на 20 милиони денари.
Средствата се обезбедени од Буџетот на Република Македонија односно преку Министерството за финансии, со Законот за финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа и единки корисници основани од нив за финансирање на доспеани, а ненаплатени обврски. Пријавената состојба како долг на општинските образовани институции во Кочани, која заклучно со септември 2018 година изнесуваше 40.595.622 денари, е намалена за 51 %.
– Задоволни сме што го нормализираме финансиското работење и на училиштата, кои беа заглавени во долгови пред сè по основ на школски превоз. Најголеми должници остануваат средното училиште „Гошо Викентиев“ и основното „Никола Карев“. Со одлука на последната седница на Советот на Општина Кочани, наменивме средства со кои го расчистивме долгот во ОУ „Св. Кирил и Методиј“. Со ваквата поддршка од централната буџетска каса, целосниот долг на училиштата ќе го расчистиме до средината на 2019 година – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Според Илијев, намалувањето на долговите во училиштата значајно ќе придонесе за поуспешно решавање на тековните проблеми и потреби со нови инвестиции.