Од вчера, 5 ноември, започна да функционира општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на општина Кочани.
Превозот се реализира на релацијата од селото Оризари – Усова чешма – Бавчалук – спој на улиците „Бел камен“ со „Страшо Ербапче“ до Лесна индустрија. Транспортот на патници го врши компанијата „Тасим“ од Оризари со четири поаѓања дневно од понеделник до сабота, согласно одобрениот и регистриран возен ред.
Според Гоце Тодев, сопственик на „Тасим“ првиот ден во вршење на оваа дејност поминал во најдобар ред, а линијата ја користеле повеќе од стотина патници.
Патниците плаќаат само 10 денари или 50 проценти од вкупната сума, додека другата половина ја субвенционира Општина Кочани. Цената за оваа услуга е утврдена со одлука на Советот на Општина Кочани.
Прекинот во вршењето на општинскиот линиски превоз настана откако претходниот превозник, „Авто атом“, од 1 август 2018 година престана да извршува сообраќај со образложение дека релацијата се покажала непрофитибилна и неисплатлива за натамошно изведување. Изборот на „Тасим компанија“ е по две неуспешно реализирани јавни набавки.