Во организација на Еколошкото пчеларско друштво „Златна кошница“, од 19 до 21 октомври во Кочани се одржа традиционалната Изложба на мед и пчелни производи.
На повеќе штандови во Паркот на Револуцијата беше претставен осоговски, малешевски, плачковички и мед од други краишта на нашава држава.
– Ние, од пчеларските здруженија знаеме дека организираноста на пчелните заедници може да се примени и како организираност на работата на луѓето. Затоа и се собираме на оваа манифестација, да го збогатуваме и усовршуваме производството на мед, да ги надградуваме кај луѓето сознанијата за користа од медот и да научиме како да ја чуваме природата, а со тоа медот и нашето здравје. Во манифестацијата вклучуваме различни генерации, со цел медот како здрава храна да биде достапен за сите. Славејќи го медот, го славиме трудот, организираноста, заедништвото и здравјето – рече во своето обраќање Тони Димитров, претседател на „Златна кошница“.
Пчеларите од Кочанско годинава ја оценуваат како средно приносна за мед, а за производството од овој крај веќе има гарантиран пласман и откуп.