Од 27 до 29 септември, во Кочани ќе се одржи 27. издание на манифестација „Денови на кочанскиот ориз“.
– Годинава културните содржини од оваа манифестација се сместени во три дена и ќе се одржат во Градскиот парк. Започнуваме со традиционалниот избор на жетварска убавица, кој ќе биде збогатен со настапите на танчарите Илија Карадакоски и составот Eat the Beat. Во текот на трите дена ќе понудиме жанровски различна музика, со концерти на Баклава, Тамара Тодевска и Тијана Дапчевиќ, Драган Теодосиев квартет, Conquering Lion. Дел до концертите се обезбедени од проектот „Нов културен бран“ од Министерството за култура – соопшти Аспарух Михаилов, одговорен за култура во Општина Кочани.
Централниот настан со кој се претставуваат традицијата и обичаите зажнејување и вршидба ќе се одржат на 29 септември, на површини на Земјоделскиот институт во Кочани.
Во рамките на годинашнава програма ќе биде промовиран и Инфоцентарот „Пониква“, како туристички информативен центар за природните вредности во регионот на Осоговските Планини.
За време на манифестацијата, градоначалникот Николчо Илијев очекува повеќе делегации, гости од збратимените градови на Кочани, а во рамките на фолклорните гостувања, ќе настапат состави од Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина.
„Деновите на кочанскиот ориз“ се финансираат од општинскиот буџет со 1.100.000 денари и со поддршка од донатори.