Кочани е првата општина во Македонија во која започна да се реализира проектот мобилен сервис за грижа во домашни услови, со кој на граѓаните треба да им се овозможи подобра здравствена и социјална заштита.
Носители на проектот се министерствата за здравство и за труд и социјална политика, партнер е локалната самоуправа на Кочани, а финансиската поддршка е на УНДП.
– За првпат кај нас се имплементира еден европски модел на здравствена услуга со кој ќе бидат опфатени сите пациенти со хронични и кардиоваскуларни болести, дијабет, мајките со мали деца, постарите лица кои се потешко подвижни, а медицинските сестри имаа посебен тренинг за давање здравствени услуги во домашни услови, рече министерот за здравство, Венко Филипче.
– Македонија досега немаше заеднички сервиси за грижа за здравствени и социјални ризици кои никогаш не се исклучуваат еден со друг, а со овој сервис покажуваме дека ако заеднички и мултисекторски им пристапуваме на проблемите, граѓаните ќе бидат позадоволни од услугите. Целта е да добиеме национална програма за здравствено-социјални услуги, за да можат граѓаните полесно да ги остваруваат своите права, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Претставничката на УНДП, Луиза Винтон на промоцијата на проектот истакна дека била постигната одлична партнерска поврзаност со двете ресорни министерства, а мобилниот сервис во домашни услови е задолжителна услуга за здравствениот и социјалниот систем во иднина.
Со проектот во Кочани се вклучени четири медицински сестри, двајца социјални работници и еден координатор.
– Нашата општина има две важни придобивки со овој проект, а тоа е што граѓаните од оддалечените рурални населби ќе нема потреба да патуваат до болницата во Кочани, а истовремено добиваме и работен ангажман за седум лица кои ќе примаат бруто плата од 20.500 денари месечно, а со стекнатото искуство подоцна полесно ќе можат да најдат трајно вработување, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Информации за лицата на кои им е потребна помош ќе се добиваат од матичните лекари и од медицинските лица во Општата болница во Кочани, по што мобилните екипи веднаш ќе излегуваат на терен.
Протоколот за работа на мобилниот сервис за домашна посета е објавен на веб-страницата на Општина Кочани.