Со цел да зајакне соработката со невладиниот сектор, градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев одржа средба со претставници на кочански здруженија.
– Граѓанскиот сектор е една од значајните алки во функционирањето на локалната заедница. Сметаме дека таа соработка треба да се засили, заради придобивките од јавен интерес – рече на средбата градоначалникот Илијев.
Претставниците на невладините организации ги истакнаа потребите од позасилена комуникација со Општината: од заеднички простории за работа и подобра комуникација меѓу здруженијата, координација при аплицирањето на проектите, одговорно лице од единицата за локална самоуправа за соработка со невладиниот сектор и фонд за поддршка при поднесување проекти од Програмата за прекугранична соработка.
Илијев изрази подготвеност за решавање на овие прашања како и за креирање проекти со вклучување на пошироката локална заедница.
На средбата со градоначалникот беше разговарано и за важноста на актуелниот момент со референдумот за приклучување на Македонија кон Европската Унија. Присутните го истакнаа значењето на европските фондови и пари како можност за реализација на многу граѓански иницијативи и проекти.