Според досегашниот тек на јавна набавка, Транспортното претпријатие „Соколов“ од Оризари е најповолен понудувач кој се очекува да го врши бесплатниот превоз на учениците од основните училишта „Св. Кирил и Методиј“, „Никола Карев“ од Кочани и „Крсте Мисирков“ од Оризари.
На групната делива јавна набавка за бесплатен ученички превоз за трите основни училишта започната од 16 јули 2018 г. се пријавиле три транспортни претпријатија: „Соколов“ од Оризари, „Камчев компани“ од Зрновци и „Авто атом од Кочани“.
Во рамките на процедурите на оваа набавка, Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одби како неоснована жалбата поднесена од „Авто атом“.
Врз основа на ваквиот одговор од Комисијата за жалби, Општина Кочани ќе ја продолжи постапката по законски утврдениот ред, со донесување одлука за избор и потпишување договор, сè со цел учениците во најкраток можен рок да почнат да го користат бесплатниот ученички превоз.
Превозот ќе се реализира во градот над 2 км, како и на релациите: Бели – Кочани – Бели; Тркање – Кочани – Тркање; Грдовци – Кочани – Грдовци и Прибачево – Оризари – Прибачево.
Договорот e со проценета вредност од 2.832.000 денари без ДДВ, со времетраење од 10 месеци, односно за учебната 2018/2019.
– Организирањето на превозот во основните училишта доцни поради жалбата од „Авто атом“, а не поради нас. Ние сме на чекор до остварување на нашите заложби за училишен превоз по пазарни, а не по астрономски цени, како што се реализираше изминативе девет години. На тој начин ќе успееме да ги намалиме трошоците на училиштата и да реализираме проекти што ќе ги подобрат условите за одвивање на наставата – вели Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Како илустрација на ова е споредбата меѓу новите цени понудени од ТП „Соколов“ и старите цени за превоз на ученици со „Авто атом“:
Кочани (локал) над 2 км: 30 денари (нова цена) – 50 денари (стара цена)
Бели – Кочани – Бели: 60 денари (нова цена) – 120 денари (стара цена)
Грдовци – Кочани – Грдовци: 49,60 денари (нова цена) – 63 денари (стара цена)
Прибачево – Оризари – Прибачево: 70,40 денари (нова цена) – 97 денари (стара цена).