Близу илјада пензионери од 53-те здруженија од Сојузот на пензионери на Република Македонија присуствуваа на традиционалната, дванаесетта средаба на пензионери во манастирскиот комплекс „Св. Пантелејмон“ во кочанското село Пантелеј.
Во име на Сојузот, пензионерите ги поздрави потпретседателот Салтир Каровски кој истакна дека средбата се организира во корист на дружењето на пензионерите и за запознавање на сопствената држава. Каровски ги повика пензионерите на што поголема вклученост и активност во рамките на Сојузот и на нивните здруженија заради обезбедување подобри услови за живот, за здраво и успешно стареење.
За локалните проекти поврзани со луѓето од третата доба говореше градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
– Општина Кочани поднесе апликација за изградба на старечки дом, очекуваме поддршка од Министерството за труд и социјална политика, за да можеме да одговориме на потребата за грижа и нега на старите лица како од Кочани, така и од регионот.