Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на 31 јули ја посети текстилната фабрика „Голдентекс“ во Кочани со цел да ги запознае менаџментот и вработените со најновите мерки што ги обезбедува државата за раст на платите.
– Владата на Република Македонија одлучи дека со одредена мерка треба да ги поддржи компаниите, тоа е мерката која со 30 проценти субвенционира пораст на платите во интензивните гранки до максимум 1.200 денари од покачената плата. Разликата се прави меѓу платите од октомври до декември 2017 година со исплатената плата во јули месец. Ова е активна мерка и ги повикуваме компаниите да аплицираат и да добијат стимулација за растот на плати – соопшти министерката Царовска.
Според Царовска, оваа мерка овозможува урамниловката што се јави со покачувањето на минималната плата до 18 000 денари, да го намали притисокот на работодавачите за да не ги изгубат продуктивните работници.
Сопственикот на „Голдентекст“, Благој Ситновски, истакна дека бројот на работниците во текстилната индустрија опаѓа, бидејќи тие повеќе се ориентираат кон странските компании и дека очекува оваа мерка да помогне да ги задржат постојните работници, да ги мотивира, со што и текстилните компании ќе бидат попрофитабилни и подоходовни.