Советот за развој на Источниот плански регион на шестата седница што се одржа минатата седмица во Берово донесе заклучоци за регионален пристап во третирањето на на комарците и на кучињата скитници.
По иницијатива на претседателот на Регионот и градоначалник на Кочани, Николчо Илијев, истакната е потребата третманот на комарците да добие поширок опфат.
– Од досегашната пракса јасно е дека поединечното – прскањето против комарци само во една општина, не го решава проблемот со комарците. Со досегашното прскање што се спроведе во Кочанско, не е забележан некој посериозен ефект, иако досега се реализирани две фази од авионското и две прскања од земја – вели градоначалникот Илијев, кој побара да бидат повикани стручни лица за презентација на решение за поголема ефикасност во третманот на комарците.
Годинава за прскање против комарци од Буџетот на Општина Кочани се наменети 1.369.260 денари и за авионско и за прскање против комарци од земја.
Општините од Источниот плански регион искажаа согласност и во ставот за заеднички пристап и регионален третман на состојбите со цел да се обезбеди поголема ефикасност и заштита на населението од кучињата скитници.
Во Кочани, третманот на кучињата скитници е локална надлежност која е делегирана на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“. За шинтерски услуги односно заловување на кучиња скитници, по реализирана постапка за јавна набавка е склучен договор на една година со фирмата ВСЦ „Тодор Велков“ од Куманово за што се наменети 470.938 денари. Оваа фирма неколку години наназад ја вршеше истата услуга во Кочани, но граѓаните постојано реагираа на квалитетот и начинот на кој се третираат бездомните кучиња.