Советот на Општина Кочани, на 12 јули 2018 година, во салата на Мултикултурниот центар ја одржа свечената седница по повод Петровден, на која беа доделени највисокиоте општински награди. Годинава наградата за животно дело ја доби вокално-инструменталниот состав „Тенеси“, како една од првите и многу популарни поп-рок групи во Источна Македонија во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век.
Во рамките на програмата, „Тенеси“ изведоа неколку музички точки, потсетувајќи дел од публиката на забавите и музиката од минатото.
Наградата за значајни остварувања во развојот на Кочани ја доби компанијата Антура МК, која оваа година бележи 80 години од постоењето на меѓународно ниво, а годинава ја прошири инвестицијата во Македонија и претставува најголемата лабораторија за растенија на Балканот, со размножување во „ин витро“ услови, во која се ангажирани 530 вработени.