Во саботата, на 23 јуни 2018 г., на Големиот паркинг кај Трговскиот центар во Кочани се одржа изложба на автомобили од моделот на фолксваген.
Пред кочанската јавност беа претставени педесетина модели на популарната „буба“ од цела Европа.
Организатори на настанот беа Александар и Влатко Јовановски од Кочани, кои по четврти пат приредуваат ваква презентација на возила во Кочани.
– Сопствениците на „буби“ се едно големо семејство, кое ја користи секоја прилика да им ги покаже своите миленици на граѓаните, за да се сподели почитта кон овој легендарен автомобил. Ова возило е конструирано така да може да се вози и на Северниот Пол и во Сахара – рече Влатко Јовановски.
– Ова е прекрасна можност да се видиме со пријателите-сопственици на „буби“, како од Македонија, така и од другите земји, да размениме искуства и си ги раскажуваме случувањата помеѓу едно и друго видување. „Бубата“ е посебен автомобил и затоа нашата љубов кон неа е посебна – изјавија учесниците на изложбата од Шабац, Република Србија.