Општина Кочани бара средства од државата за реализација на проект за регулација и заштита на Трканска Река од ерозија и отпадни води и за изградба на фекален колектор.
Техничката документација е подготвена, а според пресметките овој инфраструктурен зафат ќе чини 77, 5 милиони денари.
Со проектот се планира регулација на коритото на Трканска Река на три делници: првата е непосредно покрај регионалниот пат Штип-Кочани, втората се простира низ самото село, а третата е пругоре од селото. Трасата на регулираното корито е со вкупна должина од 1 570 м и главно го следи природното корито на реката.
За уредување на коритото на реката ќе се градат и посебни објекти за осигурување на бреговите, појасни и каскадни прагови, преодни делници и преодни објекти кај мостовите.
Фекалниот колектор, со должина од 1 636 м, е проектиран да ги прифати целосно фекалните води од населеното место и тие да се одведат до Пречистителната станица што е во фаза на градба.