Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески оствари работна средба со градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, на која разговараа за тековните и планираните инфраструктурни проекти во Кочани и во регионот.
– Ние како централна власт даваме сериозна поддршка и очекувам сите инфраструктурни проекти успешно да се реализираат. Патот Кочани – Делчево, на чија реконструкција се работи, не е реконструиран од 60-тите години, а тој е посебно значаен за Коридорот 8 и за Кочанскиот регион. За овој регион во наредниот период е предвидено да се вложат 70 милиони евра и тоа за реконструкција и на дел од патот Кочани – Пониква, за изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, како и за обиколницата кај Кочани – соопшти министерот Сугарески.
Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, реконструкцијата на патот Кочани – Делчево е моментно една од најголемите во државава.
– Се работи на делница долга 30 км, од која остануваат да се доработат уште 2,5 км, со 18 мостови и четири големи свлечишта, за што се наменети 6 милиони евра. Подобрувањето на овој патен правец за овој дел на Република Македонија е особено значаен затоа што ќе го подобри протокот на сообраќај – рече директорот Китанов.