По повод 17 Март, Денот на крводарителството во Република Македонија, десетина крводарители и претставници на Општинската организација на Црвен крст – Кочани денеска имаа прием кај градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
– Крводарителството е во стагнација, минатата година Планот за крводарување е реализиран со 84 %. Главната причина за тоа е стареењето на населението, па токму затоа работиме на мотивирање на нови крводарители – рече Анета Коцева, секретар на Општинската организација на Црвен крст – Кочани.
Според Коцева, активностите се насочени кон спроведување крводарителски акции во двете средни училишта во Кочани, по претходни мотивациски сесии во кои се претставуваат благодетите на крводарителството.
Градоначалникот Илијев даде отворена поддршка во ширењето на кругот на крводарителите и мотивацијата на млади крводарители, упатувајќи посебна благодарност до крводарителите меѓу кои некои и повеќе од 60 пати дарувале крв.