Петнаесет лица ангажирани со Програмата Општинско корисна работа секојдневно даваат услуги од социјалната заштита: се грижат за стари и изнемоштени лица и за лица со хендикеп, помагаат во Центарот за донација и при делење храна во народната кујна и при едукација на деца од предучилишна возраст.
– Под наслов „Со добра волја кон подобро утре“, оваа година за Општина Кочани има одобрено најголем број ангажирани, 15 лица во пет различни области. Ангажираните работат по четири часа дневно секој работен ден и добиваат надоместок од 6 илјади и 200 денари од кои се издвојува за персонален данок и за осигурување – соопшти на денешната средба со ангажираните во проектот, Аника Илијевска Ѓорѓиева од Одделението за јавни дејности во Општина Кочани.
Услугите се спроведуваат во Кочани и во селата Оризари и Грдовци, а ангажирано е и лице за давање услуги на жителите од ромска националност.
Проектот што го финансираат УНДП и Министерството за труд и социјала започна на 1 октомври 2017 година, а ќе трае до 31 март 2018 година. На локално ниво го реализираат Општина Кочани, Центарот за социјални работи, Агенцијата за вработување и Здружението Благородна мисија.
Од 2014 година досега преку Општинско-корисна работа биле ангажирани четириесетина лица, долгорочно невработени или социјално ранливи, од кои на петнаесетина Програмата им помогнала да се вработат. Исто така биле опслужени над илјада лица од различни возрасни категории.