Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски го посети градилиштето на Пречистителната станица за отпадни води во Мојанци и направи увид во работите на колекторот дел 1.
– Забележуваме дека состојбата е работна, механизацијата е вклучена целосно, изведувачот WTA и подизведувачот „Жикол“ квалитетно ја извршуваат својата работа, и ги решаат оние почетни проблеми што ги имаа со подземните води. Сè на сè регистрираме еден нормален тек на работите на Пречистителната станица – соопшти градоначалникот Димитровски.
Според раководителот на градежните работи, на објектот Пречистителна станица се изведуваат подготвителните работи, по што ќе следува подобрување на тлото и за кратко време ќе следуваат бетонските работи.
– Работите течат според предвидената динамика. Се соочуваме со проблем со подземните води кои се со голем интензитет, настојуваме со поголем број пумпи да ги совладаме и да течат нормално сите градежни работи – изјави раководителот на објектот, Видое Стојковски.
Пречистителната станица за отпадни води ќе придонесе за одржлив развој на Кочанскиот Регион, преку заштита на природните ресурси и ќе го промовира економскиот развој на регионот како што се индустријата, земјоделството и туризмот. Проектот опфаќа проширување на канализацискиот систем во Кочани, вклучително и изградба на главен колектор долг 12 км, изградба на пречистителна станица за отпадни води, корпоративен развој на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“, подигнување на јавната свест и зајакнување на секторот за отпадни води односно дијалог за политиките.
Целиот проект чини околу 23 милиони швајцарски франци, од кои 92 проценти се грант од Владата на Швајцарија, 7 % од Владата на Република Македонија, 1 % од Општина Кочани и од КЈП „Водовод“.