На 29-ти и 30-ти јуни, Општина Пазарџик беше домаќин на Националната конференција, дел од проектот „Растеме со ЕКО ресурси“, финансиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност преку Еразмус плус програмата.
Една од главните цели на проектот е преку употребата на иновативни интернет-алатки кои се доста интересни за учениците, да им се приближат на учениците навидум здодевните теми како енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и заштитата на животната средина.
Конференцијата имаше цел да ги претстави резултатите на проектот кој се спроведува веќе речиси две години.
На конференцијата беа презентирани осум упатства наменети за наставници од основно образование за користење на слободни ИКТ-алатки за изучување на темите како енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и заштита на околината. Исто така беа презентирани и изработените стратегии за соработка на Општина Кочани и Општина Пазарџик во областа на образованието.
Своите позитивни искуства стекнати во проектот, на конференцијата ги споделија и самите наставници и ученици од ОУ „СВ. Климент Охридски“ од Пазарџик, партнер во проектот, кои беа директно вклучени во истиот.